
18 ОКТОМВРИ – ЕВРОПСКИ ДЕН НА БОРБА ПРОТИВ ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ
По повод 18 Октомври – Европскиот ден на борба против трговија со луѓе, Црвен крст на РСМ – Општинска организација Делчево, во соработка со ОВР Делчево, реализираше едукативни активности за учениците од VII одделение при основните општински училишта „Св. Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“ – Делчево.

Едукациите беа реализирани од страна на Искра Георгиевска, обучен врснички едукатор при ООЦК Делчево, заедно со полициските службеници Марија Аџиска – помошник командир за јавен ред и мир и превенција, и Јадранка Стојанова – инспектор за општ криминал.


Преку овие едукативни активности, учениците имаа можност да се запознаат со појавата на трговија со луѓе, нејзините различни форми, ризиците и опасностите со кои можат да се соочат, како и начините за препознавање на потенцијално ризични ситуации. Посебен акцент беше ставен на личната безбедност, внимателноста при комуникација со непознати лица, безбедноста на интернет и важноста од навремено информирање и пријавување на сомнителни ситуации.

Целта на активностите беше да се подигне свеста кај младите за оваа сериозна општествена појава, да се унапредат нивните знаења за препознавање на ризиците и да се поттикнат на внимателно и одговорно однесување со цел заштита од можни форми на експлоатација.

Преку ваквите едукативни активности, Црвениот крст продолжува да придонесува кон едукацијата и заштитата на младите, во соработка со надлежните институции, промовирајќи ја важноста на превенцијата, информираноста и заедничкото дејствување во борбата против трговијата со луѓе.


Превенцијата започнува со знаење и информираност. Заедно за побезбедна иднина на младите! ![]()











































