
ДОДЕЛЕНИ ЈУБИЛЕЈНИ ПРИЗНАНИЈА
Црвениот крст на Република Северна Македонија, на 28 октомври 2025 година, додели јубилејни признанија на 20 Општински организации на Црвениот крст кои го реализираа и надминаа годишниот план за крводарителство во 2024 година, меѓу кои и Општинската организација на Црвен крст Делчево.
Општинските организации на Црвениот крст, преку редовни и дополнителни крводарителски акции, активно ја поддржуваа работата на здравствениот систем и придонесоа за јакнење на свеста за хуманост и солидарност во заедницата. Со својата посветеност и дополнителни активности за унапредување на крводарителството, тие постигнаа исклучителни резултати и поставија висок пример за останатите.

На свеченоста што се одржа во просториите на Црвениот крст на Република Северна Македонија, присуствуваа секретари и претставници од наградените Општински организации. Во рамки на настанот се одржа и дискусија на тема: „Можности за унапредување на крводарителството“, на која учесниците разменија искуства и идеи за подобрување на идните активности.
Црвениот крст продолжува да го промовира крводарителството како чин на хуманост, солидарност и добрина, со цел секојдневно да се поттикнуваат граѓаните да даруваат живот преку својата крв.












































